Евангелие и поука на ден
 

 

Евангелие и поука за 21/02/2025

Почеток
 
 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Марко 15:22-25;15:33-41

22. Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Он не зеде.
24. Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб, кој што да земе.
25. Беше третиот час, и Го распнаа.
33. А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.
34. И во деветтиот час Исус извика гласно, велејќи: „Елои, Елои, Лама савахтани?” А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?”
35. Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија.”
36. А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: „Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне?”
37. Исус, пак, кога испушти висок глас, издивна.
38. И црковната завеса се расцепи на две, одозгора додолу.
39. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Он, откако извика така издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!”
40. А имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалина, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија,
41. кои и тогаш, кога Он беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим.

Апостол на денот: Второ соборно послание на светиот апостол Јован Богослов 1:1-13

1. Од старешината – до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои вистински ги сакам, – и не само јас, туку и сите, што ја познаа вистината;
2. поради вистината, која пребива во нас и ќе биде со нас секогаш.
3. Да биде со вас благодатта, милоста, мирот од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, Синот на Отецот, во вистина и љубов!
4. Многу се зарадував, оти чедата твои ги најдов како одат во вистина, онака како што добиваме заповед од Отецот.
5. И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, но онаа, која ја имаме од почетокот, да се сакаме еден со друг.
6. А љубовта се состои во тоа, да постапуваме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа;
7. бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во плот; таков човек е измамник, антихрист.
8. Пазете се за да не го изгубите она, за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда.
9. Секој, кој прави престапи и не пребива во Христовото учење и не е во Него, Го нема Бога; кој пребива во Христовото учење, тој Го има и Отецот и Синот.
10. Кој доаѓа при вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го;
11. зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела.
12. Вистина, имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, оти се надевам дека ќе дојдам при вас и од устата да ви зборувам, та радоста ваша да ви биде полна.
13. Те поздравуваат чедата на избраната твоја сестра. Амин!

Поука на денот: Старечник

Говореше Ава Макариј: „Ако е понижувањето за тебе пофалба, сиромаштијата – богатство, а недостигот – изобилие, нема да умреш, зашто не може да се случи оној што е правоверен и што се подвизува во благочестивоста да падне во нечистотијата на страстите и во демонска прелест.