Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 21/04/2025

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Воскресение Христово (втор ден)

Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие н? поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Тропар
Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им подари.

Кондак
Кога си слегол во гробот, Бесмртен, си ја разурнал адската сила, и си воскреснал како победител, Христе Боже, Кој на жените мироносици им благовести: Радувајте се! Кој им даруваш мир на Твоите апостоли, а на паднатите им даваш Воскресение.

Светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј

Сите беа од Седумдесеттемина апостоли. Св. апостол Павле ги спомнува во своите Посланија. „Поздравете го“, им пишува Павле на Римјаните, „мојот роднина Иродион“ (16, 11). Иродион пострада од Евреите многу како епископ Неопатарски; го биеја со стапови по главите, со камења по усните, го бодеа со ножови. И кога го оставија како мртов, Свети Иродион стана и продолжи да им служи на апостолите. Во Рим му помагаше на Св. апостол Петар. Го убија заедно со многумина други христијани истиот ден кога беше распнат Петар. Свети Агав имаше пророчки дух. Во Делата Апостолски се спомнуваат неговите две пророштва. Прво, прорече голем глад по сиот свет, кое и се случи во времето на кесарот Клавдиј. И второ, кога во Кесарија се сретна со апостолот Павле којшто одеше за Ерусалим, Агав го зеде Павловиот појас, си ги врза себеси рацете и нозете, велејќи: „Вака вели Светиот Дух: човекот чијшто појас е ова вака ќе го врзат во Ерусалим Евреите“ (Дела 21, 11). Свети Руф беше епископ во Тива Јудејска. И него го спомнува апостолот Павле: „Поздравете го Руф, избраниот во Господ“ (Рим. 16, 13). Беше епископ во Ирканија азиска. Свети Флегонт, кој се спомнува на истото место, беше епископ во тракискиот град Маратон. Свети Ермиј спомнат со останатите, беше епископ во Далмација. Сите тие како пчели Христови го разнесуваа медот на Евангелието по разни краишта, страдајќи многу за љубовта Христова. Сите се преселија во вечното царство на љубениот Христос.

Тропар
Вие кои верата во Бога Единиот на вселената ја проповедавте, апостоли со мноштво венци закитени, маченици, пророци, проповедници и учители Иродионе, Агаве и Руфе, Асинкрите, Флегонте и Ермие, молете се на Милостивиот Господ по вашите свети молитви да ги помилува нашите души.

Свети Нифонт, епископ Новгородски

Се одликуваше со голема ревност во изградбата и поправката на црковните храмови и со голема храброст во спротиставувањето на силните кнезови. Тринаесет дена пред смртта му се јави Св. Теодосиј и му ја навести близината на неговото преминување во оној свет. Се упокои во 1156 година.

Тропар
Ученик за Законоположникот Христос, ревнител молитвен на Гетсиманскиот Владика, Нифонте свет оче наш, мудро ги избегна замките на земното властољубие, и срцето се исполни со гласот кој Бога Го повикува, моли се свет оче за нас, со отците Печерски на Христа Спасителот, да ги помилува нашите души.

Свети Келестин, папа Римски

Голем ревнител на православната вера. За време на Третиот Вселенски Собор напиша послание против еретикот Несториј. Се упокои мирно во 432 година.

Тропар
Умот твој озарен од Божјата благодат ја спозна слободата која Христос ја дарува на оние кои одат во вистината, свети Kелестине, и ревноста те направи сотрудник на Словото, кое преку тебе се сведочеше на верните. За нас моли се, сега, да останеме на истиот пат, Кој нe води кон Вечната Светлина.