Лазарова сабота
„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението: да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – зашто ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието (палмовото гранче), почетокот на идниот век. Тоа го најави Лазар, кога излезе од оние кои се скриени во пеколот; по заповедта на Божјиот Син, Кој има власт над животот и смртта, оној кој четири дена беше во гробот, стана од мртвите. Кога било извршено чудото над Лазар, и кога Христос јасно истакнал дека Тој е Бог, народот го прифатил тоа и поверувал, додека некои кнезови, односно книжници и фарисеи, биле далеку од верата, па неразумно смислувале лоши работи против Него и со своето безумие сакале да Ги убијат Оној, Кој преку тоа што го рекол и направил се претставил како Господар на животот и смртта. Овие зборови, иако заради народот изговорени во вид на молитва, не биле молитвени зборови, туку зборови на власт: „Лазар, излези надвор!“ – и Лазар веднаш, иако четири дена мртов, застанал жив пред Него; зарем не биле едно заповедта и молитвата на Животодавецот? Тој викнал со силен глас, и тоа заради присутните, бидејќи можел не само тивко, туку и само со волјата да воскресне, и тоа оддалеку, додека каменот с? уште лежел над гробот. Тој, пак, му се доближил на гробот и им рекол на присутните да го тргнат каменот, а овие го почувствувале непријатниот мирис на распаѓањето и тогаш Тој со силен глас му се обратил на Лазар, го повикал кај Себе, и токму тогаш го воскреснал. И сето тоа, за тие да видат со сопствени очи, бидејќи биле крај гробот, со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртвото тело кое четири дена било во гробот, и со сопствениот допир да почувствуваат – затоа што со своите раце го допреле каменот кога го отстранувале од гробот, потоа плаштаницата и убрусот на главата кога го одвивале, како и лично да го чујат Господовиот глас, кој допрел до ушите на сите присутни. Значи, преку сето тоа, тие поверувале дека Тој е Оној Кој „го повикува непостоечкото кон постоечко“, Кој с? носи со силата на Своите зборови и Кој на почетокот со еден Свој збор с? доведе од небитие во битие.
Свети Григориј Палама
Тропар
Христе Боже, за да нe увериш во општото воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна Лазара од мртвите, затоа и ние носејќи како децата знаци на победата, Ти повикуваме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е оној што иде во името Господово!
Преподобен Јован Лествичник
Писателот на прочуената Лествица. Однекаде дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче и остана овде, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокои (околу 563 година). Неговиот животописец, монахот Даниил, за него вели: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован помина во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го виде младиот Јован, за него прорече дека ќе биде синајски игумен. По смртта на својот духовник Јован се повлече во една пештера, во која во тешки подвизи проживеа дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспа под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоеше на молитва, Св. Јован виде дека ученикот му е во опасност и почна за него да Му се моли на Бога. Подоцна кога дојде, Мојсеј падна на колена пред својот духовен отец и му заблагодари зашто го спаси од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифати да им биде игумен и со љубов и ревност се трудеше за спасението на човечките души. Еднаш слушна прекор од некои дека е многуглаголлив. Не се разгневи ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолија да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост. Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници. На трпезата сите видоа едно вешто момче во еврејска облека како им служеше, а и на останатите слуги им заповедаше и ги распоредуваше. Одеднаш момчето исчезна. И кога сите се обѕираа и се распрашуваа, Свети Јован рече: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место“. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица“. Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одреди својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагуваше заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рече дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и стана. По десет месеци се упокои и Георгиј и стана небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.
Тропар
Мудар подвижнику Христов Јоване, смирение, трпение и молчание во тебе изгради благодатта Господова, послушанието во Христа ти беше ѕвезда водилка кон Небесата. За нас оттаму ти спушти лествица до земјата, поучувајќи да внимаваме на секое скалило, и секое дете да го добие она што му е најмило – прегратка во Царството Небесно.
Спомен на монахот којшто радосно умре зашто никогаш во животот не осуди никого
Овој монах беше мрзлив, негрижлив, немолитвен, но во целиот свој живот не осуди ниеден човек. И кога умираше беше весел. Кога го прашаа браќата како при толку гревови умира весело, одговори: „Сега видов ангели што ми покажаа хартија со моите многубројни гревови. Јас им реков: „Господ рече: „Не судете за да не ви се суди““. Јас никогаш никого не осудив и се надевам на милоста Божја дека нема да ме осуди“. И ангелите ја искинаа онаа хартија. Кога монасите слушнаа за ова, се восхитија и се поучија.
Тропар
Велик си ти, Господи, Кој раце кон нас подаваш и заповеди кои живот источуваат и слабоста во сила спасителна ја преобразуваат: не судете да не бидете осудени, и само едно е потребно, а за другото – истресете ја прашината од нозете ваши: и затоа несудењето е извор на простувањето. Еден го достигна – сите можат, Господи слава Ти.
Светиот пророк Јоил (Јоад)
Светиот пророк Јоил беше од Самарија. Откако го изобличи царот Јеровоам, затоа што во Израелското царство направил златни телиња и им принесувал жртви, пророкот Јоил беше заклан од лав. Тоа се случи вака. Господ му нареди на Јоил да отиде кај Јеровоам и да го изобличи, но таму да не јаде леб ниту да пие вода, туку веднаш да се врати. Пророкот го затекна Јеровоам како принесува жртви на идолите, му се обрати и рече: „Вака вели Господ: еве, ќе се роди во домот на Јуда син по име Јосиј и ќе ги заколе на жртвеникот свештениците на тие идоли“. Јеровоам ја испружи раката да го дофати пророкот, но раката му се исуши и не можеше да ја врати кон себе. Тогаш царот му реше на Божјиот човек: „Припадни пред својот Бог и помоли се за мене да ми се поврати раката“. И Божјиот човек Му се помоли на Господ и му се поврати раката на царот каква што си беше. По ова, враќајќи се назад, Јоил беше излажан од страна на лажниот пророк по име Емве, па јадеше леб со него, и така ја наруши Господовата заповед. Поради таквата непослушност, Господ му дозволи на лавот да го усмрти Јоил. Но да не му го изеде телото. Јоил беше погребан во Ветил, блиску до куќата на лажниот пророк кој го измами.
Тропар
Жртви сепаленици на Бога не се потребни, како и приноси осквернети од неразумност и верување во човечки богови: о Јоиле, срце подигнато кон Небесата, а очи – рака продолжена Господова. Радувај се, сега, при лоното на Господа, каде што мир царува во векови.