Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 03/03/2025

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Велигденски пости

Овој пост е посветен за подготовка и во чест и спомен на Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Христос воскресна од мртвите и со Неговата смрт смртта ја уништи, а со Него и сите нас кои веруваме и одиме по Него н? совоскрена за да наследиме воскресение и живот вечен. Оваа зададеност Бог му ја дал на човекот уште во рајот, при што требало да исполни само една заповед: да се воздржува, т.е. да пости. Ако постот му бил потребен на човекот во рајот за да дојде до целта, тогаш уште повеќе му е потребен во оваа земја на отуѓеност и богоотстапништво. Вистинскиот пост во себе ги содржи и сите добродетели: покајанието, смирението, милосрдието, телесниот подвиг, а пред с?, молитвата. Постот без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета, па дури и суета и прелест. Постот е добродетел на Црквата, па според тоа има и соборни димензии, односно постиме и се подвизуваме не само за себе, туку и за сите други. Овој пост се пости строго без масло од понеделник до петок, освен сабота и недела кога се пости со масло. Два дена во текот на овој пост се јаде риба – на Благовештение и на Цветници, и тоа во зависност кога ќе се паднат. Првите три дена од постот монасите и поревносните христијани во светот држат тримир. Тоа е тридневен пост во целосно воздржување од јадење и пиење. Светите отци решиле овој пост да трае 40 дена како што постел Господ Исус Христос, и уште една недела, како тажна седмица, од влегувањето на Христос во Ерусалим с? до Воскресение. По Велигден е Светлата седмица и во таа седмица не се пости, а секој ден се оди во црква на Литургија. Треба да нагласиме дека начинот на постење опишан погоре е општо правило на Црквата, а секому му се одредува неговото лично правило со благослов на духовниот отец.

Свети Лав I, папа Римски

Роден е во Италија од благочестиви родители. Најпрво беше ѓакон кај папата Сикст III, а по неговата смрт и покрај неговото противење го возведоа на престолот на римскиот папа. Кога Атила со Хуните дојде близу Рим и се подготвуваше веќе да го разори и запали овој град, Лав излезе пред него во архиерејска облека, го скроти гневот на хунскиот водач и ја оттргна пропаста од Рим. Колку што врз Атила подејствува советот на Светиот човек толку го уплаши и визијата на Светите апостоли Петар и Павле кои стоеја покрај Лав и со пламени сабји му се закануваа на Атила. Овој папа не само што го спаси Рим туку ја помогна и заштитата на Православието од Евтихиевата и Диоскоровата ерес. Таа ерес се состоеше во слевањето на Божествената и човечката природа кај Христос во една и следственото одрекување на двете волји во личноста на Спасителот. Заради ова беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто се прочита посланието на Светиот папа Лав, коешто тој прво го напиша па го положи на гробот на Св. Петар, а Св. Петар го исправи. Пред смртта четириесет дена помина во пост и молитва на гробот на апостолот Петар, молејќи го да му јави дали му се простени гревовите. Апостолот му се јави и му кажа дека сите гревови му се простени, освен гревовите на ракополагањето свештеници (во што се гледа колку тежок е гревот на недостојното ракополагање). Светителот повторно се предаде на молитва с ? додека не беше известен дека и тие гревови му се простени. Тогаш мирно Му ја предаде душата на Господ. Свети Лав се упокои во 461 година.

Тропар
Велики ерарху и учителу, проповедниче на вистината, исповедниче на верата православна, Лаве оче наш премудри, тебе на кого Христос Бог гревовите ти ги опрости, те молиме ние верните во Господа, да се застапиш за нас пред престолот на Пресвета Троица.

Свети Флавијан

Патријарх Цариградски после Прокло. Современик на Св. папа Лав. Се бореше одлучно против Евтихиј и Диоскор, но не го дочека жив триумфот на Православието на Четвртиот Собор, зашто претходно на еден еретички собор го биеја и го газеа толку бездушно, што таму и умре. Верен војник Христов, храбар бранител и исповедник на православната вера. Се упокои во 449 година.

Тропар
Голема љубов има оној кој душата ја полага за вистината, а поголема од неа – оној кој на братот простува, и за него се моли пред престолот кој гревот го согорува, о Христов исповедниче Флавијане, честа небото не ти ја одзеде, а Господ твоите свети молитви нам како награда ни ги врати, за од нив пред Него да бидеме закрилени, во вечни векови.